Низ годините училиштето го менувало името и локацијата. Најпрвин постоел голем центар за ученици од стопанството „Крсте Мисирков“, кој обединувал најразлични профили, струки и занимања. Бил сместен во зграда, наменета за ученици во стопанство и тоа во реонот каде што денес се наоѓа скопскиот саем. Во 1955 година, со одлука на Народниот одбор на град Скопје, од овој центар се издвојува Училиштето за кожа, текстил и гума, под име „Димитар Влахов“, со занимања од областите на преработка на кожа, гума, текстил и стакло. Оваа 1955 година ја земаме како почеток на нашето училиште. Кон овие занимања, во 1963 година е додадена и Графичката струка, префрлена од училиштето „Коце Металец“.

По катастрофалниот земјотрес од 1963 година, училиштето било сместено во привремен објект, барака, во непосредна близина на печатницата „Гоце Делчев“, која ни од далеку не била соодветна на потребите. Проблемот со недостиг од стручен кадар бил ублажен во 1972 година, кога биле вработени првите професори и технолози. Ова значително го подобрило квалитетот на наставата. Таа година, паралелките кои дотогаш наизменично по една недела посетувале теоретска, односно практична настава, биле поделени по струки.

Во 1973 година, со новата верификација, училиштето се именува како Училишен центар за занимања „Димитар Влахов“, во кое се изучувале следните струки: лични услуги, графичка, стакларска, текстилна, кожа-гума, прехранбена, земјопреработувачка и изработка и преработувачка на хартија.
Во 1975 година беше отворен училишниот фризерско-козметички салон од отворен тип, што се наоѓа на булеварот „Партизански одреди“ и беа вработени стручни наставници, така што за учениците од струката лични услуги се создадоа најсовремени услови за практична настава. Во овој период училиштето нема сопствена локација и е сместено во рамките на повеќе училишта како О.У. „Кирил и Методиј“, гимназиите „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Ѓорѓи Димитров“.

За кратко време училиштето се вселува во сегашната зграда. Освен редовната настава, во Центарот биле отворени нови паралелки за возрасни кандидати од многу занимања и се воведоа вонредни испити. Во 1986 година, беше воведена педагошката служба.

Промената на името во Училиштен центар за средно образование „Димитар Влахов“ се случи во 1988 година. Во овој период беше воведено и четиригодишно образование во графичката струка – графички техничар, а набрзо потоа се оформија паралелки за козметички техничари и прехранбени техничари. Четиригодишното образование овозможуваше проодност за факултетско образование.

Од 04.10.1999 година, званичното име на училиштето стана Државно средно училиште „Димитар Влахов“. Во 2000 година беше обновена верификацијата на сите образовни профили од лични услуги, од графичката и од прехранбената струка, а се воведе и специјалистичко образование од графичката струка за образовните профили: слагач-специјалист, печатар-специјалист, книговезец-картонажер-специјалист.

Во 2001 година, училиштето се вклучи во експерименталната настава на ФАРЕ програмата за интегрирана реформа на средното стручно образование. Со оваа програма беа опфатени паралелките од профилот графички техничар. Во учебната 2003/2004 година за прв пат се оформи паралелка на албански наставен јазик за образовниот профил фризери.

Во 2005 година Државното средно училиште „Димитар Влахов“ го слави својот златен јубилеј – 50 години постоење.

Од 10.01.2006 година се врши промена на името од Државно средно училиште ДСУ „Димитар Влахов“, во Средно училиште на Град Скопје, СУГС „Димитар Влахов“ Скопје.
Реформите во средното стручно образованието во рамките на третиот 2016/2017 и четвртиот степен 2017/2018 се однесуваа на креирање на модуларни програми и се случија
Најпрво во тригодишното а потоа и во четиригодишното образование.

Исто така освен промени во структурата на наставните планови и програми, се променија и имињата на повеќе профили. Во лични услуги профилот козметичар, маникир педикир се реименува во Естетичар за нега на раце и нозе.

Во техничкото образование во струката лични услуги профилот Козметички техничар се замени со Техничар за козметичка нега и убавина, во хемиско-технолошката струка се отвори профилот Техничар за заштита на животна средина, покрај постоечките Прехранбен техничар и Нутриционист. Исто така реформите ја опфатија и графичката струка и во која покрај Графички техничар, формиран е и профилот Графички уредник дизајнер.

Денес во училиштето постојат три струки, лични услуги, хемиско-технолошка и графичка струка, претставени со повеќе профили. Наставата се изведува на три јазици македонски, албански и турски јазик.

Училиштето важи за училиште во кое се образуваат млади луѓе способни да одговорат на современите професионални предизвици, кои ќе бидат носители на бизнисот и креатори на иднината и воспитуваат млади луѓе способни да одговорат на современите животни предизвици во мултиетничко и мултикултурно општество, кои ги прифаќаат и почитуваат различностите.