На 17 декември, 2021 година, се одржа настан за промоција на Упатство за организирање на заеднички наставни часови, изработено во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Проектот Јакнење на мултиетничката соработка во општините на Детската фондација Песталоци, во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерство за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и Град Скопје. Упатството содржи насоки за спроведување на овие часови со ученици кои учат на различни наставни јазици како и научени лекции од  досегашното реализирање на часовите.

За време на настанот, се споделија успешни примери и лични искуства на учениците, наставниците, стручната служба и директорите на средните училишта од учеството во оваа иницијатива. Преку бројки и сведоштва од спроведеното истражување се претстави и позитивното влијание на заедничките часови кај младите. Имено, осум од десет ученици од средните училишта од Град Скопје кои се дел од заедничките часови се изјасниле дека чувствуваат радост и/или возбуда кога ќе помислат на овие часови и сакаат да бидат дел од нив и во иднина.

Помеѓу присутните беа министерката за образование и наука, Мила Царовска, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Енид Нунез, како и претставници од образовните институции, наставници и ученици.

„Министерството за образование и наука е голем поддржувач на сите иницијативи кои имаат за цел да го унапредуваат интеркултурализмот и интеграцијата во образованието. Заедничките часови се особено важни во креирањето услови за редовен и континуиран позитивен контакт меѓу учениците кои учат на различни јазици на настава. Сметам дека Упатството за организирање заеднички наставни часови ќе биде корисно средство и инспирација за моделот на заеднички часови да го имплементираат и други општини во кои има повеќејазични училишта“, изјави министерката за образование и наука.

Во нејзиното обраќање, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска потенцираше, „Оваа иницијатива е успех кој е директно поврзан со локалната стратегија за интегрирано образование и граѓанска вклученост на Град Скопје. Како носители на заедничките наставни часови, учеството на Град Скопје во создавањето на ова Упатство е особено важно заради внесувањето на практични совети и успешни приказни кои произлегуваат од имплементацијата на заеднички часови, чијшто број досега секоја година се зголемуваат во сѐ повеќе училишта”.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која се заблагодари на сите страни вклучени во изработката на Упатството и додаде, „Мисијата ќе продолжи да поддржува иницијативи кои придонесуваат за почести и подобри можности за интеракција помеѓу учениците од различни етнички заедници преку развој на нови политики, програми или обуки“.

„Младите луѓе се иднината и нивните заеднички напори играат голема улога во градењето мостови преку отворено презентирање на нивните демократски иницијативи и потреби на сите нивоа. УСАИД ја поддржува имплементацијата на заедничките наставни часови и Упатството за организирање на заеднички наставни часови е корисна алатка која ќе понуди насоки на училиштата и општините низ државата во врска со спроведувањето на овие часови. Задоволство ми е што сум денес со вас“, изјави претставничката на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Енид Нунез.

Во учебната 2021/2022 година, заедничките часови се реализираат со повеќе од 700 ученици и 54 наставници во осум средни училишта во Град Скопје – „Арсени Јовков“, „Здравко Цветковски“, „Браќа Миладиновци“, „Боро Петрушевски“, „Димитар Влахов“, „Јосип Броз-Тито“, „Владо Тасевски“ и „Панче Караѓозов“. Преку овие активности, се подобрува меѓуетничката соработка меѓу учениците и се зајакнуваат нивните граѓански и демократски вредности.

*Веста е превземена од веб страната на Македонски центар за граѓанско образование