Некогашни ученици – денес успешни во професиите, ги промовираат своите средни училишта
Низ примерите на своите успешни ученици во повеќе профили – козметичари, фризери и слично, средното училиште „Димитар Влахов“ се обидува да се приближи на своите идни ученици. Во училиштето во кое настава се изведува на македонски, албански и на турски јазик, се застапени три струки – лични услуги (козметички техничар, фризер, естетичар за нега на раце и нозе), хемиско-технолошка (прехранбен техничар, млекопреработувач, месопреработувач и месар) и графичка струка (графички техничар дизајнер, печатар и доработувач на графички производи).
Кампања за афирмација на училиштето се води преку веб-страницата на школото, фејсбук, јутјуб и инстаграм-профилите, се постира рекламен материјал, текстови и видеа од поранешни наши ученици, а сега веќе успешни на пазарот на трудот. Исто така направена е и презентација на училиштето во основните училишта, преку постирање на материјали од училиштето на нивните сајтови, објаснува Лидија Андоновска, в.д директор на школото.
Фризер е една од побараните струки во „Димитар Влахов“
– Дуалниот систем на образование во кој стручното образование ја гледа својата иднина, во кој работодавачите се отворени за соработка со образовните институции и кои ќе создадат продукт со знаења, вештини и компетенции, кои се бараат на пазарот на трудот. Како бенефит повеќе компании пројавија интерес за соработка со училиштето (соработка со фризерски и козметички салони, Комора на занаетчии на Град Скопје, Факултет за земјоделски науки и храна, приватни компании) со цел реализација на праксата кај работодавач и феријалната практика – објаснува Андоновска.