Изучување на биотехники во областа на фризерството и графичниот дизајн
Во периодот од 7.4.2024 до 29.4.2024 година се реализира нашиот прв проект финансиран од европската програма „Еразмус+“. Проектот е со наслов „Изучување на биотехники во областа на фризерството и графичниот дизајн“ со број на договор 2023-1-MK01-KA122-VET-000127040. Проектот го реализиравме во партнерство со бугарското здружение „Centre for active youth – Together we can“ од Бугарија.
Во мобилноста беа вклучени 10 ученици од струката лични услуги и 5 ученици од графичката струка. Учениците заминаа на практична настава во градот Сливен, Бугарија во придружба на двајца професори од струките, коишто го следеа нивниот успех и ги мотивираа да работат.Практичната настава ја посетуваа во фризерските салони – Мелани стил и Мерилин и во рекламната агенција –Арт Миг. Целта на проектот беше учениците да стекнат странска пракса во реална работна средина и да научат да работат со биотехники во фризерството и печатарската индустрија. Учесниците беа дел од секојдневниот процес на работа во реномирани фирми, беа обучувани од супервизори кои се вработени во фирмите и имаат искуство во работата. Во текот на тринеделниот престој учениците имаа можност да стекнат нови знаења од областа на фризерството и графичарството и практично да ги применат новостекнатите знаења во фирмите во кои ја посетуваа практичната настава.На крајот од мобилноста учениците беа поделени во три групи и изработија кратки видеа и презентација преку кои ги презентираа техниките и вештините кои ги стекнаа за време на мобилноста.
Покрај стекнатите знаења, учениците имаа можност во слободното време да одат и во градовите Бургас и Велико Трново и да ги посетат најзначајните културно – историски знаменитости.Исто така, ја посетија и библиотеката во Сливен и беа запознаени со нејзиниот начин на работа, активностите кои ги спроведуваат и со библиотечниот фонд.
Импресиите од учениците се беспрекорни и тие се благодарни што имаа можност да бидат дел од семејството на „Еразмус+“ и да ги продлабочат своите знаења и вештини.