Back

Средното училиште на Град Скопје, СУГС ,,Димитар Влахов” е училиште со традиција, ведрина и шарм. Сместено во срцето на градот Скопје на само 800 метри од Транспортниот центар во главниот град Скопје, онаму каде сите патишта се спојуваат, почнуваат и продолжуваат.

Училиште кое крие успешни приказни на многу завршени генерации и чека несебично да го пренесе своето знаење и вештини на уште безброј млади луѓе кои ќе решат својата иднина да ја градат заедно со нас.

Модерни и перспективни струки кои овозможуваат брзо вработување по завршување на образованието и отвараат можност за започнување на сопствен бизнис, квалитетна практична обука во училиштето и во реномирани  компании од приватниот сектор, дуално образование со зголемен број на часови по практична обука во компании под менторство на сертифицирани мајстори / ментори со  можност за паричен надоместок во форма на стипендија, вертикална проодност од стручно тригодишно во техничко четиригодишно образование, диплома која е усогласена со Европската рамка на квалификации која овозможува враборување надвор од државата и можност за продолжување на образованието на некој од факултетите се само некои од предностите кои го прават училиштето посебно и единствено стручно училиште кое низ годините се менувало но духот, позитивната клима и желбата да се биде најдобар се мотив кој не води напред во нови предизвици и победи.

Низ годините името на училиштето и локацијата се менувале. Најпрвин постоел голем центар за ученици од стопанството „Крсте Мисирков“, кој обединувал најразлични профили, струки и занимања. Бил сместен во зграда, наменета за ученици во стопанството и тоа во реонот каде што до пред некоја година се наоѓаше Скопскиот саем а денес новиот East Gate Mall.

Во 1955 година, со одлука на Народниот одбор на град Скопје, од овој центар се издвојува Училиштето за кожа, текстил и гума, под име „Димитар Влахов“, со занимања од областите на преработка на кожа, гума, текстил и стакло. Токму оваа 1955 година ја земаме како почеток на нашето училиште.

Кон овие занимања, во 1963 година е додадена и Графичката струка, префрлена од училиштето „Коце Металец“.

По катастрофалниот земјотрес од 1963 година, училиштето било сместено во привремен објект, барака, во непосредна близина на некогашната печатница „Гоце Делчев“, која ни од далеку не била соодветна на потребите. Проблемот со недостиг од стручен кадар бил ублажен во 1972 година, кога биле вработени првите професори и технолози. Ова значително го подобрило квалитетот на наставата. Таа година, паралелките кои дотогаш наизменично по една недела посетувале теоретска, односно практична настава, биле поделени по струки.

Во 1973 година, со новата верификација, училиштето се именува како Училишен центар за занимања „Димитар Влахов“, во кое се изучувале следните струки: лични услуги, графичка, стакларска, текстилна, кожа-гума, прехранбена, земјопреработувачка и изработка и преработувачка на хартија.

Во 1975 година е отворен училишниот фризерско-козметички салон од отворен тип, што се наоѓа на булеварот „Партизански одреди“ наспроти трговскиот центар „Лептокарија”. Тогаш се вработени стручни наставници, така што за учениците од струката лични услуги се создадени најсовремени услови за практична настава. Во тој период училиштето нема сопствена локација и е сместено во рамките на повеќе училишта како О.У. „Кирил и Методиј“, гимназиите „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Ѓорѓи Димитров“.

За кратко време училиштето се вселува во сегашната зграда. Освен редовната настава, во Центарот биле отворени нови паралелки за возрасни кандидати од многу занимања и е овозможено полагање на вонредни испити. Во 1986 година, почнува со работа педагошката служба.

Промената на името во Училиштен центар за средно образование „Димитар Влахов“ е во 1988 година. Во овој период се воведува и четиригодишно образование во графичката струка – графички техничар, а набрзо потоа се формираат паралелки за козметички техничари и прехранбени техничари.

Од 04.10.1999 година до 10.01.2005 година, официјалното име на училиштето е Државно средно училиште „Димитар Влахов“. Во 2000 година е обновена верификацијата на сите образовни профили од лични услуги, од графичката и од прехранбената струка, а се воведува и специјалистичко образование и тоа во графичката струка за образовните профили: слагач-специјалист, печатар-специјалист, книговезец-картонажер-специјалист.

Во 2001 година, училиштето се вклучува во експерименталната настава на ФАРЕ програмата за интегрирана реформа на средното стручно образование. Со оваа програма беа опфатени паралелките од профилот графички техничар. Во учебната 2003/2004 година за прв пат се формира паралелка на албански наставен јазик за образовниот профил фризери.

Во 2005 година Државното средно училиште „Димитар Влахов“ го слави својот златен јубилеј – 50 години постоење.

На 10.01.2006 година е променето името на училиштето и од Државно средно училиште ДСУ „Димитар Влахов“ се именува како Средно училиште на Град Скопје, СУГС „Димитар Влахов“ .

По долг период во 2013 година со Twining проектот се случуваат реформи во стручното тригодишно образование во сите струки а специфично е што како пилот училиште во струката лични услуги е избрано токму СУГС „Димитар Влахов” Скопје. Подоцна во период од 2016-2018 се случува повторна реформа во тригодишното образование и во техничкото четиригодишно, реформа која се однесува на креирање на модуларно дизајнирани програми. Со оваа реформа некои од пбразовните профили беа преименувани.

Во лични услуги профилот козметичар, маникир педикир се преименува во Естетичар за нега на раце и нозе, во техничкото четиригодишно образование во струката лични услуги профилот Козметички техничар се преименува во Техничар за козметичка нега и убавина,

Во хемиско-технолошката струка се отвори профилот Техничар за заштита на животна средина и Техничар за козметички и хемиски производи, покрај постоечкиот Прехранбен техничар.

Со реформите во графичката струка, освен Графички техничар, формиран е и профилот Графички уредник дизајнер.

Денес во училиштето постојат три струки/сектори: лични услуги, хемија и технологија и графичарство, во кои се изучуваат повеќе образовни профили/квалификации: фризер, техничар за козметичка нега и убавина, естетичар за нега на раце и нозе, месореработувач, млекопреработувач, прехранбен техничар, техничар за заштита на животна средина, техничар за козметички и хемиски производи, графички техничар, графички уредник дизајнер и изработувач на визуелни апликации.

Наставата се изведува на три наставни јазици македонски, албански и турски јазик.

Училиштето важи за училиште во кое се образуваат млади луѓе способни да одговорат на современите професионални предизвици, кои ќе бидат носители на бизнисот и креатори на иднината, училиште кое воспитува млади луѓе способни да одговорат на современите животни предизвици во мултиетничко и мултикултурно општество, кои ги прифаќаат и почитуваат различностите.

ПОЧЕТОКОТ Е ОВДЕ, А ИДНИНАТА Е ПРЕД НАС!