Back

Димитар Влахов (08. XI. 1878 – 07. VI. 1953)

Димитар Влахов е познат револуционер, политички деец, публицист и државник.Роден е во Кукуш, Егејска Македонија. Се школувал во родниот град, Солун, Софија, Германија и Швајцарија. Кратко време бил професор во гимназијата во Солун. Член на ЦК на ТМОРО станува во 1904 год. Тој бил еден од основачите и раководителите на НФП (Солун,1909), член на Комисијата за изработка на основните програмски документи на Партијата. На првите парламентарни избори 1908 год., подржуван од Серскиот,Струмичкиот и Солунскиот округ на ВМРО,  бил избран за народен пратеник во турскиот парламент каде што пројавил забележлива активност.

Во 1911 год. пристапил во Солунската социјалистичка федерација, потоа бил затворен од грчките власти и протеран во Бугарија. По налог на Балканската комунистичка федерација заминал во Москва, а од таму се префрлил во Австрија, Швајцарија и Франција. Неговата основна задача била да работи на обединувањето на македонската револуционерна емиграција во тие земји и за нејзина подготовка за борба против монархистичките режими во Југославија, Бугарија и Грција.  Во годините на Балканските војни бил активен во работничкото и социјалистичкото движење и одржувал врски со широк круг мошне истакнати личности. Во 1913 год. емигрирал од Солун и привремено ја прекинал политичката активност.

Бил еден од основачите на ВМРО (Обединета) и од составувачите на Мајскиот манифест (6.5.1924 ). Бил избран за член на нејзиниот ЦК бил  на основачкиот конгрес во Виена (октомври, 1925). Станал  главен уредник на весникот на ВМРО (Обединета), „Македонско дело“ во Виена.

За време на Втората светска војна, како претставник на македонскиот народ, работел во Сесловенскиот комитет во Москва. Бил учесник на АВНОЈ, а една година подоцна и на АСНОМ. По ослободувањето  извршувал високи државни функции; бил член на југословенската делегација на Париската мировна конференција.

Животот го завршил во Белград. Автор е на бројни трудови: „ Предавниците на македонското дело“ (Прага, 1926), „Формирање на македонската нација и на македонскиот јазик“ (Детроит- Мичиген,1948), „ Одбрани говори и статии“( Скопје, 1948), „Мемоари на Димитар Влахов“ (Скопје, 1970) и други. Од  1955 година, со одлука на Народниот одбор на град Скопје, се издвојува Училиштето за кожа, текстил и гума, под име „Димитар Влахов“, со занимања од областите на преработка на кожа, гума, текстил и стакло. Нашето училиште  и денес гордо го носи името на овој македонски великан.